Ризикувајќи да бидам пренатрупана со коментари од еден куп вжештени глави денес му објавив војна на стравот и решив да напишам неколку реченици во врска со актуелните случувања. Инаку јас сум во основа ужасно старомодна и не ме интересира ништо што е поврзано со Џеврие, Бранко и Никола, па следствено на тоа во најголемиот број на случаи наоѓам други начини да го пополнам и онака малото слободно време (да, за разлика од сите 17 годишни тинејџери, 35 годишни студенти?!??? и 60 годишни пензионери со партиски книшки, јас работам и немам време да се занимавам со тоа кој кому што рекол). Но, за жал некогаш не можам да им побегнам на информациите кои ми го контаминираат моето драгоцено мозоче и ми предизвикуваат хаос во главата. Тогаш прво се обидувам да не размислувам за нештата кои ме испровоцирале. Но моето рацио секогаш успева да се избори за глас и така настануваат овие ретки текстови.
Денес решив прво да започнам со загревање… Политика, политика, политика… Го подигам нивото на тежина… Идиотизам, дебилност, ретардираност… Засега добро ми оди… Па и не е толку страшно, нели? Сега кога добро се загреав можам да започнам.
Политика. Обичен збор на кој не ретко му се дава погрешно значење. Консултирајќи се со госпоѓа Википедија доаѓам до заклучок дека ние сме длабоко заглавени во сопствените фекалии и ни нема спас. Имаме затруена младина која нема никакви интереси и тоа ме плаши. Дали е глупавоста заразна? И ако одговорот е да, тогаш уште колку време ми останува дури ја добијам? Засега сум имуна на “идеологиите” кои секојдневно ме трујат, ама незнам уште колку долго ќе останам рамнодушна на истите.
И денес возејќи се в такси повторно непотребно се изложив на контаминација. Слушам некоја тетка која завива на српски и се молам да престане… и конечно реклами. Ама овие беа од оние модерните (платените политички), не од оние простите и немодерните за прашоци и влошки. Одеднаш почнав да се грозам од она што го слушнав. Рекламната кампања на владеачката партија заврши со зборовите: Бранко, ќе те стигнат клетвите и ќе останеш без најмилото, власта. Слушам и не можам да поверувам. После првичниот шок се чувствувам среќна. Чичкото на радио конечно ме просветли. Сега знам дека возачот кој минатата недела ме испрска ќе се здобие со соодветна казна (само искрено се надевам дека него два пати ќе го испрскаат).
Мислам дека подобро ќе беше место рекламата да слушнев уште некоја српска тетка која завива. Така сеуште ќе си бев во незнаење и ќе се надевав дека за нас има надеж. Вака излегува дека нам единствено може да ни помогне еден земјотрес.



